Интро

Сонувајќи и фантазирајќи креираме свет само за нас, свет кој ни е достапен единствено на нас самите. Ова е мојот свет спремен да се соочи со реалноста и желбата да стане стварност. Сакајќи да оставам мал белег, допринос и трага во овој свет, го започнав ова патување со надеж дека ќе допрам до секој што има желба, макар и за миг, да избега од секојдневието на денешницата, од пасивната здодевност, од монотонијата и од границите на реалното. Како и сите, и јас сум најобичен посетител и набљудувач на овој моментум во универзумот и се гордеам што сум барем минијатурен дел од една грандиозна сложувалка која постојано се надополнува со нови и нови делчиња. Решението на таа сложувалка е комплексно и сложено, и сите, заеднички и фокусирано, мораме да учествуваме во нејзиното одгонетнување. Тоа единствено може да го сториме со пренесување и надградување на кодот на животот, со постојано учење, осознавање и креирање на подобри варијанти на самите себе, репликација и постојано ажурирање и полнење на базата со податоци, единствено со една цел и мисла, создавање на нови и понапредни верзии кои ќе го одведат човештвото во остварување на својата мисија, а тоа е одгонетнување на сложувалката наречена универзум.

Заробен во спрегите на денешницата и пасивниот комодитет, опкружен со секакви креатури на пропаста и уназадувањето, работејќи професионално, чесно и егзистирајќи со фамилијата и најблиските, се ставив во трагање на формулата за постигнување на совршен баланс помеѓу материјалното и нематеријалното и остварување на тоа што отсекогаш ми било цел, пренесување и вградување на таа формула во равенката на постоењето. Оваа креација е само дел од таа потрага и претставува истражување на најдлабоките, најтемните и најзаборавените делови на нашите умови. Со сигурност знам дека нема да биде лесно, но исто така со сигурност знам дека не сум сам во оваа битка и дека, со заедничка позитивна мисла, секој чекор и секоја препрека до тронот ќе биде полесна за совладување.