Во непознатото

Деца на пченката

Маглата која го прекриваше непознатото полека се расчистуваше, а лутањето низ неа веќе добиваше нова димензија на осознавање и расчистување на патот. Силите кои ја предизвикуваа, владееја во неа и константно ја ширеа и држеа присутна се најмоќните сили за конзумирање на човечката животна сила. Инструментите за ширење на маглата се најсофистицираните кои постојат на планетата Земја, а нивната моќ е далекусежна. Желбата и насобраната енергија за борба против најмоќниот систем за човечки инжинеринг беше премала и немаше никаков ефект врз најблиската околина којашто требаше да биде потпора и столб за трансферирање на изворниот код. Заразени од сите можни болести на денешницата и надградени од чувството на ниска вредност се движеа изгубено во маглата без ниту и да се обидат да прифатат барем нешто од изворниот код. Сите обиди беа залудни, животинските нагони превладуваа, перцепцијата беше во рамките на шаблонот, а се што беше надвор од него беше погрешно и неприфатливо.corn childred

Во тој амбиент се раѓаа, растеа и живееја децата на пченката. Изложени на токсичната магла и на секакви хемиски и психолошки влијанија од сите можни страни вклучувајќи ги и најблиските, се програмираа да ја прифатат маглата како реалност и единствен начин на живеење. Родителската љубов и близина, нежниот допир и прегратка, чувството на сигурност, можноста за истражување и слободно мислење, чувството на заедништво, делење, помош, сочувство, чиста и наивна детска игра, соодветно се заменети со страв, безброј различни материјални играчки, технологии, виртуелни програми, животински видови т.н “миленичиња” и институции. Се е совршено организирано и возвишено до највисок степен. Колку подлабоко се навлегува во маглата толку полесно се станува плен на безбројните предатори кои демнат во неа. Манифестирани во најразлични агресивни форми на лажни вредности, илузии и зависности, жртвите немаат никаква шанса да се спасат од нивните канџи. Секој кој е конзумиран од маглата е должен да ја игра улогата која од тој момент му е доделена. Единствена цел на децата на пченката е агресивно  да го шират нивниот вид, пренесувајќи ја заразата. Секое излегување од шаблонот предизвикува осуда, напад и омаловажување. Моментот кога најблиското опкружување наметнува ставови, диктира услови и не почитува, прифаќа и исмејува различен став, мислење и начин на живот различен од програмираната матрица и ги прикаже симптомите на заразата преку манифестирање на себичност и алчност е аларм на свеста.

Daily fireworks at Fallas

Како се расчистуваше маглата така се будеше и чувството за одговорност за одржување и ширење на изворниот код. Во тој момент и во тој амбиент тоа не беше можно. Мало насмеано лице се појави од маглата и започна да подрипнува околу мене. Познатото не беше идеално, но барем имаше минимум услови и влеваше трунка надеж дека кодот целосно ќе се трансферира. Базата е позната, оформена и спремна за продолжување на патот, но овојпат со заеднички сили, посилни и наоружани со поголемо искуство и осознаена вистина за децата на пченката.

Маглата, иако поразлична, сепак беше присутна насекаде. Се гледаа неколку острови до кои маглата тешко допираше.

На врвот

Од неколку вистини крајно се формира една, а тоа е вистината за земјата на врвот од ланецот на исхрана. Времето поминато во земјата на врвот е сеуште мало но, во старт, јасно се гледа дека овде има за секого по нешто, од секого по некој но за никого се. Доживувањето и емоциите на врвот се измешани од крајност во крајност и се одраз на крајно материјалистичко-мегаломанскиот начин на живот, крајно добрата организација и поставеност на системот за оној кој слепо го следи и му верува, зачудувачкиот баланс со природната средина и отворените можности за секој да дојде до израз и да си креира сопствен начин на практикување на живот. Сепак, веднаш може да се види и пирамидално- робовладетелската поставеност на системот. Веднаш е јасна расната и класната поделеност, кој е на дното на пирамидата, а кој е на врвот. Образецот е оддалеку провиден, меѓутоа масовно е прифатен како култура и начин на живеење без некој да се запраша која е цената што ја плаќа и дали вреди тоа што го губи за таа цена. Тоа е и дел од причините зошто земјата во исто време, во зависност од принципот на перцепција, се наоѓа на врвот и од негативен и позитивен аспект.

Полетавме и полни со позитивна енергија, свесно, ја прифативме нашата улога во филмот и го прегрнавме второто полувреме во животот. Но, не бевме сами, за малото насмеано лице ова беше само почеток.

DSCN2809_20170507_145417

Слетавме и веќе од наредниот ден се ставивме во погон, го сменивме режимот на функционирање и стартувавме со собирање на документација, истражување, аплицирање, адаптација, запознавање со околината, контактирање со најблиските од родната земја и пренесување на впечатоците. Наредниот ден повторно исто, наредниот и наредниот, се така и додека се завртиш, поминал еден месец. Само да се знае дека не било баш така едноставно да спакуваш 40 години живот во еден куфер и да ги отпакуваш во непознато како ништо да не се променило. За кратко време ја потрошивме целата позитивна енергија која ја собравме пред да се впуштиме во оваа прекуокеанска авантура.

Стартот за секого бил тежок на различен начин но на секого, некој му помогнал. Помошта е секогаш добредојдена, но само ако е искрена и ако не се бара нешто за возврат. Ја добиваме секојдневно и тоа е најпозитивниот фактор, покрај подршката од најблиските од родната земја, кој ни дава сила, со минимална енергија, да се бориме со овој животен предизвик. Иако, сеуште, не сме почнале да го живееме “сонот”, сепак продолжуваме да пловиме во ова, сега за сега, немирно емотивно море.

Па, нели нема од што да се плашиме кога се наоѓаме во земјата на врвот. Потребно е само да ги следиме правилата, да работиме напорно, да ја оставиме свеста на раат да ни ја управуваат други, да се опуштиме во вештачкиот мегаломански рај од бесконечно различни производи, да ги наполниме торбите, да ја палиме скарата по можност секој ден и да уживаме слободно во времето кога суштината на животот е на продажба.

Единствената предност кога си во земјата на врвот е што суштината на животот е полесно достапна за купување.

Чекор повеќе

Првиот дел од исчекувањето помина брзо, динамично, позитивно и креативно преку овој блог, преку комуникација и дружење со блиски луѓе, преку професионално осознавање и преку долго очекуваната и планирана лична надградба со некоја нова експериментална верзија на самосвест и тестирање на различни методи за прочистување, смирување и балансирање на умот и телото и исфрлање на насобраното ѓубре. Во таков амбиент дојде и моментот кога, со подигната десна рака, се заколнавме во вистинитоста и точноста на нашите изјави и кога влеговме во системот на “големиот брат”.

us-visa

Процедурата и не е толку добро организирана, класично е бирократска и е со претеран акцент на сигурносни протоколи и мерки од самиот влез во тврдината па се до просторијата каде се одвиваат формалностите. Случаевите кои се одобруваат или одбиваат се претходно анализирани, селектирани и одбрани согласно апликацијата и инфомациите во неа, а бараните критериуми и потребните квалификации се верифицираат преку финална споредба на пополнетото со приложената документација. Кон сите овие бариери се надоврзува и нереалната цена на чинење не само на визата туку и на комплетната процедура која се плаќа без разлика дали ќе се добие виза или не. За светска и доминантна сила, која располага со неограничени ресурси и која организира лотарија за нејзини потреби за да си ја обнови и зголеми легалната работна популација, сметам дека овие наметнати трошоци и процедури се непотребно креирани, навистина се високи, не се фер, немаат логика, не одговараат на стандардот во кој живееме и единствено нешто што покажуваат е бирократско, капиталистичко, лицемерно и дискриминаторско лице на една мегаломанска машинерија. Од средствата што ги имаат на расоплагање барем да обезбедиле минимум услови, како на пример: паркинг, чекална, можност за плаќање со картичка и начин на достава на ДВ визите, за да лицата кои доаѓаат да си ја бараат својата среќа и иднина наместо да паркираат кој каде стаса и да чекаат и дремат под отворено небо и да се чувствувуваат како некој вид на луѓе од понизок ред, да влезат и излезат горди и со чувство дека сепак, пред се, тие се човечки суштества. Се надевам дека новата администрација ќе донесе, ќе промовира и практикува принципи на повискои норми на почит спрема сите жители на планатета земја и ќе го промени односот на агресија, застрашување, покажување на сила и затвореност.

2209ld1

Зошто ли тогаш свесно и знаејќи го ова самите бараме да бидеме третирани на овој начин?

Причините се повеќе од очигледни и сите заедно чинат една сурова релност на вграден висок праг на толеранција на неправда и понижување. Нискиот стандард на живеење, константниот притисок, заплашување и сеење страв за се и сешто и од сите страни, општо ниската свест и култура, ниските морални вредност, слабиот образовен и здравствен систем, нискиот квалитет и услови за живеење, непостоечката институционална и судска заштита, непостоечката заштита на работничките права, селективноста во примената на законите и правдата, нискиот институционален кадровски капацитет, погрешно поставените критериуми за вработување и унапредување и извртениот систем на вредности се само дел од елементите кои го креираат мозаикот на нашето “преживување”. На позитивната страна на понижувањето се желбата, љубопитноста и предизвикот да се проба и искуси нов начин на живеење и егзистирање во тотално различен свет и систем и да се успее да се постигне и обезбеди духовен и материјален бенефит кој во нашиот корумпиран и разјаден паразитски систем на чесен начин и со позитивна мисла во ниеден случај не би можел да се постигне.

Без надеж дека во некоја подалечна иднина ќе се случат позитивни општествени промени, спремни и свесни на тоа што не очекува, со план за водење на борбата на два фронта,  без некои посебни чувства и емоции, рутинирано ја завршивме целата постапка. Изморени, после два часа поминати во тврдината, тргнавме на пат за дома секој со своите мисли во глава лутајќи и мечтаејќи за еден поубав живот но и со чувство на горчина поради идната разделба со најблиските со кои заедно сме ги поминале сите убави и тешки моменти.

Мало, нежно, ведро и насмеано лице ни ги исчисти мислите и комплетно ни го пренасочи вниманието.

Исчекување

Ова е време кое носи ново искуство, ново доживување, големи очекувања и без разлика колку пати и де се помине секогаш донесува и одредена надградба на личноста и  карактерот. Иако некои од исчекувањата се мачни и резултираат со неуспех, сепак крајниот ефект е позитивна надградба, посилен карактер и посилна личност. Овој пат, во оваа постапка произлезе и овој блог или интернет страна која ја смислив со идеја да ги споделам овие мигови и ова искуство а воедно и да споделам една друга димензија која е надвор од реалноста меѓутоа постои во животите на секој и секој на свој начин ја живее и доживува. Во овој момент би се замислил подлабоко и би направил анализа колку време од животот поминуваме во некаков си вид на исчекување. Разочарувачки е на кој начин сме принудени да го живееме нашиот живот и на кој начин бесцелно го трошиме во чекање.  Како и да е, како човечки битија, најбитно што треба да се знае е дека тука сме сите во иста каша, а тоа е кашата на животот. Периодот ќе помине и ќе дојде некој нов, но мислите, чувствата и емоциите ќе останат засекогаш запишани со надеж дека тој што ќе ги прочита ќе ги искористи позитивно и како такви ќе ги пренесе понатаму. Ова ќе биде време на скенирање, учење, планирање, организирање и ангажирање со цел припрема да се започне една нова етапа од животот надвор од “родната земја”. Интересно е дека кога ќе се каже “родната земја” тоа секогаш се однесува на државата во која што сме родени и пораснати, меѓутоа кога размислам подлабоко на оваа тема заклучувам дека иако технологијата, науката, достапноста на информации, комуникациите, медицината, образованието се привидно на високо ниво, ние како човечки суштества сме заостанати во нашиот развој и сеуште не сме дораснати за да излеземе од оваа матрица на материјалното, на држави, религии, раси, националности, класи и какви ли уште не поделби кои не ограничуваат и временски и просторно и кои не носат напредок и развој на човечкиот род. Кога ќе се разбијат тие бариери тогаш човекот ќе биде човек и сите ќе бидеме луѓе родени на планетата земја (родната земја), секој со своја мисија и улога како алка од едно уредување поставено на принципи на хуманост, почит, толеранција, свесност, совесност и соживот. Заглавени во лавиринтот на владеењето на злоупотребеното материјално и нематеријално и без некоја надеж дека во блиска иднина ова би се променило секој од нас се бори да си го пронајде својот пат. На овој пат не стои патоказ “сигурен и среќен живот”, меѓутоа ваков знак не стои на никој пат.